НБА ја урива Евролигата – со ФИБА формираат НБА Европа!?

Најсилната кошаркарска лига НБА тргнува во проект да создаде НБА Европа, ново натпреварување кое практично ќе ја урне актуелната Евролига, која се соочува со сериозни проблеми во моментов, а поддршка на Американците ќе имаат од Светската кошаркарска федерација (ФИБА).

Пред два дена „Мундо Депортиво“ од Барселона објави шокантна вест дека Евролигата може да се распадне и дека дел од европските кошаркарски гиганти се на чекор да се откажат од ова натпреварување и да се вратат под капата на ФИБА, па вечерва „Марка“ крена вистинска прашина со најавата дека НБА тргнува во битка да ја урне Евролигата.

Според „Марка“, Америнакците во договор со ФИБА тргнуваат во создавање на НБА Европа, кое би можело да почне како натпреварување веќе од следната сезона. Под капата на НБА во моментов има четири натпреварувања, најсилната кошаркарска лига, па женската ВНБА, развојната Г-лига, како и НБА Африка, па ако се создаде и европско натпреварување, тоа би било петто на НБА.

Адам Силвер веќе му пратил писмо на првиот човек на Евролигата, Жозеп Марија Бартомеу во кое посочува дека сака НБА да направи европска дизвизија со најдобрите клубови, а наводно дел од незадоволните гиганти веќе се исконтактирани. Гиганти како Панатинаикос, Олимпијакос, Макаби и уште неколку веќе тргнаа во војна за рушење на Бартомену, незадоволни како се води Евролигата, слабите награди и малата распределба на парите.

Создавањето на европска дизвизија на НБА не е новост, зашто во 2012 година поранешниот комесар Дејвид Стерн истакна таква можност, но досега не се создадоа услови за такво нешто, а сега веројатно има плодна почва, иако клубовите со Евролигата имаат актуелни договори до 2026 година.