Макаби направи брејк во Атина, Реал како брз воз преку Басконија
На гостувањето во Атина, Макаби славеше со 91-87 и покрај тоа што беше во негатива во поголем дел од мечот, во еден период и со 12 поени. Натпреварот го сврте во своја корист во последниот период, на помалку од две минути пред крајот, поведе со 87-82, но Панатинаикос постигна пет поени по ред и се погрижи натпреварот да влезе во егал завршница. Клучната грешка на мечот ја направи Костас Слукас кој при водство на противникот од 89-87, му ја подари топката на противникот по што Нибо погоди две слободни фрлања и го реши победникот. Со тоа Слукас го засени својот одличен ефект во нападот имајќи предвид дека оствари личен рекорд од 13 асистенции.
Во вториот меч од вечерашната програма немаше изненадување бидејќи Реал на домашен терен ја прегази Басконија со 90-74. Со тоа бранителот на титулата му се одмазди на својот ривал за поразот во претпоследното коло од основниот дел кога загуби на домашен терен, но без поголеми последици во однос на конечниот пласман. Целиот меч помина во апсолутна доминација на Реал кој ниеднаш не беше во негатива, а само при 0-0 резултатот беше израмнет.
Вторите натпревари од овие две серии се играат во вторник, повторно на терените на Реал и Панатинаикос.