Летаа боксови во НБА: Масовна пресметка на мечот меѓу Хјустон и Пеликанс (ВИДЕО)

Новата сезона во НБА-лигата можеби сè уште не е започната, но страстите веќе почнаа да зовриваат, што најдобро се виде на ноќешниот пријателски меч меѓу Хјустон Рокетс и Њу Орлеанс Пеликанс на кој дојде до жесток судир меѓу Амен Томпсон и Хозе Алварадо, кој потоа прерасна во физичка пресметка на теренот.

Инцидентот се случи во втората четвртина, по шутот на Џабари Смит Џуниор од редовите на „ракетите“. Во обид да се избори за подобра позиција под кошот, Томпсон влезе во дуел со Алварадо, по што двајцата паднаа на паркетот. Кога станаа, дојде до меѓусебно туркање и гестикулации, а во еден момент Алварадо го повлече противникот кон земјата, на што Томпсон возврати со силно туркање.

Ситуацијата брзо се вжешти и во неа мораа да интервенираат соиграчите од двата тима за да спречат поголем инцидент. На снимките јасно се гледа дека имало и обиди за удар. Судиите веднаш реагираа - Алварадо доби лична грешка во напад и техничка казна, додека Томпсон беше санкциониран со неспортски прекршок од прва категорија. Казните им донесоа по едно слободно фрлање за Хјустон и две за Њу Орлеанс.