Глумеше дека е повреден, за на негово место да скока соиграч висок 220цм! (ВИДЕО)

Комичен и малку дрзок момент се случи на синоќешното дерби од кошаркарската Евролига, меѓу Анадолу Ефес и Реал Мадрид.

Реал губеше со 86-90 на пет секунди пред крајот, кога тројца негови кошаркари, во прв ред Руди Фернандес се фрлија по кошаркарот на домаќините Вил Клајбурн со цел да му ја украдат топката. Егзебицијата донесе резултат, судиите досудија мртва топка на 4,7 секунди до крајот, што значеше каква-таква надеж, ако Реал го освои потфрлањето за топка.

Меѓутоа, имајќи предвид дека Фернандес е бек висок 190 сантиметри, а Клајбурн е крило со 201 сантиметар, шансите не беа баш во корист на гостинската екипа, се додека искусниот Шпанец на изведе маалска финта, која помина. Почна да се витка и да подкривнува како да е повреден и веднаш се упати кон клупата. И ете чудо, на негово место во игра влезе центарот Еди Таварес, висок 220 сантиметри! Судиите ја дозволија замената, Таварес ја освои топката и Реал погоди три поени, но на крај Ефес славеше со 90-89.