Еден од најдобрите европски плејмејкери на сите времиња рече – доста е!

Еден од најдобрите плејмејкери во историјата на шпанската и европската кошарка и легенда на Реал Мадрид, Серхио Родригез, донесе ја потврди одлуката за крај на богатата кариера.

Тој првите чекори ги направи во дресот на Естудијантес во 2003 година, од каде што замина во НБА лигата и од 2006 до 2010 година го носеше дресот на Портланд трејлблејзерс и Сакраменто кингс, а потоа се врати во Европа, каде што во 2010 година го облече дресот на Реал Мадрид.

„Дојде тој ден. По 20 години кошаркарска кариера, би сакал со сите да споделам една животна одлука - дојде време да ставам крај на мојата играчка кариера. Чувствувам дека оваа сезона, во која ја освоивме АЦБ лигата, Купот и Суперкупот, е совршен момент за збогување. Отсекогаш сонував да се повлечам, да бидам физички подготвен и да го добијам мојот проштален натпревар, а животот ми го понуди овој подарок“, напиша Родригез во пораката.

Тој одигра шест сезони во првиот мандат во Реал, а неговите фантастични игри му донесоа втора покана во НБА, овој пат во Филаделфија, каде што играше една сезона. Потоа замина во ЦСКА од Москва, три сезони помина во Олимпија од Милано, пред да се врати во Реал во 2022 година. Титулата европски првак ја освојуваше три пати - двапати со Реал и еднаш со ЦСКА, додека со шпанската репрезентација беше светски првак во 2006 година, европски првак во 2015 година, а на Олимписките игри освои едно сребро и една бронза.