Дебакл на Ц. Звезда во Белград: Реал безмилосен во очајната последна четвртина!

Белградска Црвена Звезда со очајната последна четвртина наместо изненадување се соочи со дебакл во Белград против Реал Мадрид, кој со 79-59 славеше во салата „Александар Николиќ“ во пресметката во кошаркарската Евролига.

Белграѓани предводени најмногу од Немања Недовиќ беа во егал до средина на третиот период (47-47), иако „кралевите“ имаа и плус 14 во еден период од втората четвртина, но потоа црвено-белите – застанаа. До крајот на четвртината Реал со серија 10-4 влезе со плус шест во завршните десет минути (57-51), а потоа се случи тотален крах.

Во првите четири минути од последниот период, Реал направи 12-0 и практично ја обезбеди победата, дојде на 69-51, а колку очајно одигра Ц. Звезда покажуваат само осумте поени за завршните десет минути во кои едноставно немаа решение за Валтер Таварес.

Џенан Муса беше најефикасен со 19 поени, Таварес даде 17, а Корнел 12 и овој двоец беше пресуден за исчекорот кон победата, додека кај Ц. Звезда играа само Недовиќ и Петрушев. Првиот даде 17 поени, додека Петрушев погоди 15.