Напад врз Антиќ: Врвни тренери одбиваат да работат со наркомани и пијаници!

Поразите на македонската кошаркарска репрезентација во стартните два меча од квалификациите за пласман на ЕП 2021 како да ја отворија Пандорината кутија во макбаскетот, па само еден ден по неуспехот против Русија во Перм дојде жесток напад вез претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), Перо Антиќ.

Во улога на напаѓач е неговиот несуден противкандидат за улогата прв човек на македонската кошарка и до неодамна спортски директор на националниот тим, Владимир Темелковски, кој непосредно пред Изборното собрание ја повлече кандидатурата. Тој со подолг текст на социјалните мрежи прави анализа од личен агол на неуспесите против Естонија дома и против руската селекција на теренот на противникот, ставајќи акцент на работата на „Јастребот“, како што шифрувано го нарекува претседателот Антиќ.

 

 

Неговото обраќање до јавноста ви го пренесуваме во целост.

„Тимот што победува не се менува. Ова не му беше јасно на Јастребот, кој од желба да покаже кој е главен на поклонетата позиција во МКФ го смени селекторот правејки ја првата грешка и мислејќи дека тимска хемија се прави преку ноќ со банани и гумени бомбони.

Давитков, кој два циклуси по ред освојуваше прва позиција го замени со тренер со елитно европско педигре (упс или пак така сакаше), но кога го одбија сите врвни тренери кои ги вети во кампањата, зошто нормално никој не сака да си има работа со наркомани и пијаници за работодавци, работата ја дадоа на тренер од Романија.

Втората грешка беше салата за одигрување на настанот. Наместо да одигра во Гостивар или, пак, во Гевгелија, пред полни трибини на вистински врвни кошаркарски фанатици кои ќе направат идеална атмосфера на комфор на нашите репрезентативци, а пекол за гостинската екипа, Јастребот додворувајќи се на политичарите и мислејќи каде да ја прослави победата, одбра да игра во сала во која едвај продаде 1.000 билети (за кои сѐ уште не сме ја виделе најавената добротворна донација), сала во која е практично невозможно да се наполни и направи вистинска атмосфера на домашен терен.

Третата грешка ќе нѐ кошта и во иднина, а тоа е неговото гракање и пискање по судиите мислејќи дека е некој фактор и дека некој ќе му се исплаши, рушејки ја долгогодишната релација со судиите, која датира уште од 90-тите па до неговото гракање, па затоа и во Русија, кога беше најпотребно, судиите свртеа глава.

Четвртата грешка беше 17-часовниот пат, кој Јастребот го претвори во мини-приватна забава за неговото јато, наместо да одвои од рекордните 720.000 евра кои АМС и Владата му ги доделија и да обезбеди чартер-лет за дечките да бидат свежи и добијат плус еден тренинг пред мечот.

Но, пак ќе повторам, не е крив Јастребот, тој само едните супстанци ги замени со 'гумени бомбони', крив сум јас што се откажав без борба, а да и тие што му дадоа ветер во грб на една забегана птица и елан да лета и да нѐ води во непознат правец за сите нас. За среќа, мислам дека летот на Јастребот ќе трае кратко, но, за жал, со кобни последици.....

Следниот дел ќе биде каде Јастребот ги троши државните пари наместо да ја скине котизацијата за клубовите од кога вети дека ќе го стори тоа кога ќе најде спонзор и со кого и во кој стил го прави тоа ( ќе има и интересни материјали за објава)“, пишува Темелковски.

Поранешниот спортски директор на МКФ пред неколку месеци доби отказ од новото раководство, по што тој својата правда ја побара на суд. Нивната судска пресметка сѐ уште трае.