Здружението на кошаркари на клубовите им се заканува со - „експлозија“ (ФОТО)

Здружението на кошаркарски играчи (ЗКИ), денеска, преку соопштение до јавноста, испрати последна опомена до прволигашите поради нивниот игнорантски однос на барањата за средување на финансиите од минатата сезона која беше прекината поради пандемијата со коронавирусот, заканувајќи се дека во спротивно ќе - „експлодираат“.

Во неодамнешното обраќање, ЗКИ информира дека ниту еден од клубовите не ги исполнил целосно договорните обврски, поради фактот што сезоната траеше осум, а не десет месеци како што е вообичаени. Предводниците на кошаркарите почнаа да објаснуваат нешта кои се директно поврзани со финансиската работа на прволигашите, па дури и да објаснуваат дека треба да платат сѐ затоа што добиваат пари од државата преку ваучер-системот. Но, еден месец подоцна работата не е помрдната од место.

„Другата страна останува незаинтересирана за изнаоѓање заедничко прифатливо решение, па затоа овој апел е последен пред преземање драстични мерки“, се вели меѓу другото во соопштението на ЗКИ.

Засега нема објаснување што значи делот со преземање драстични мерки, односно дали е тоа закана со евентуален штрајк во пресрет на новата сезона, која би треба да почне во месец октомври.