Здружението на играчи го поддржа Пелистер: Време е да се стави крај на непрофесионализмот во кошарката

Откако вчера Кошаркарскиот клуб Пелистер побара во продолжение од сезоната да се почитува правилото за минимална температура во салите во кои се играат натпреварите од домашните првенства, денеска стигна поддршка од Здружението на играчи.

Македонските кошаркари го посочија она што го знаат сите кои активно ја следат кошарката - дека условите за игра во земјава се очајни. Со оглед на тоа што е зимски период, за очекување е во салите да биде уште постудено, а во такви услови е тешко да се игра на врвно ниво.

„Следствено барањето од страна на КК Пелистер, ние, здружението на играчи, би сакале да ја известиме македонската јавност дека во потполност го поддржуваме нивниот јасно изнесен став.

Условите за игра оваа натпреварувачка сезона се катастрофални во поголем дел од спортските објекти. Во неколку од нив нема дури ни соблекувални со топла вода, нема доволно топки за загревање, а греењето во салите е научна фантастика. Нашето мислење е дека редно време е да се стави крај на овој тотален непрофесионализам во кошарката.

Кошарката (спортот) е професија, како и секоја друга. Разлика прави фактот што на нас играчите не ни тече работен стаж како 'сведок' за сработеното. Дури и генерално кај јавноста, оваа професија првенствено е поимана како лесна, не толку сериозна и забавна. Некогаш не е ни поистоветена со професија. Меѓутоа, ние, спортските работници, буквално гинеме на терените за чесно да си го заработиме лебот, како и секој друг работник, со било каква поинаква експертиза.

Во било која друга професија, работниците веќе и добиваат екстра мотиватори на работното место, со цел да имаат подобар перформанс, додека ние тука разговараме за елементарни неопходни услови. Ладните сали, немањето на топла вода за капење во соблекувалните и немање доволно топки за загревање се и тоа како далеку од мотивацијата која ни е потребна.

Искрено се надеваме на подобрување на севкупната хаотична ситуација во кошарката“, пишува во соопштението на Здружението на играчи.