Синот на Пеце Наумоски е на добар пат да заигра за – Србија?!

Двајцата синови на Петар Наумоски, спортската легенда и претседател на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), Адриан (16 години) и Михаил (14,5 години) важат за големи таленти, барем според добрите познавачи на приликите во младинската кошарка, но постои сериозна шанса барем еден од нив наместо за жолто-црвената да настапува за репрезентацијата на Србија.

Оваа информација ја сподели токму популарниот Пеце во интервју за српскиот весник Блиц, каде што потенцира дека помладиот син Михаил веќе има српски пасош, што му отвора можност да избере да настапува за северниот сосед. Овој факт и не е зачудувачки со оглед што поранешната сопруга на Наумоски, Сања Обрадовиќ е српска државјанка.

„Никогаш не речи никогаш, не би одговорил ниту со да ниту со не на прашањето дали Михаил може да биде адут на Србија. Времето ќе покаже во кој правец ќе се одвива неговата кариера. Српскиот пасош му носи дополнителна можност за избор, а веќе имаме стан во Белград каде би можел да се пресели. Згора на тоа, размислувам да купам уште еден на Кнез Михајлова“, изјави Наумоски.

Помладиот син на Пеце во моментов игра за Вардар, а претходно настапувал во Партизан како и за екипи од Израел.

„Михаил има огромни раце и шаки, долги нозе, брзина и мојот карактер, а тоа е огромна желба да тренира и да се докажува. Само му недостасува добар тренинг. Му направив програма за работа и сега тренира двапати, а по некогаш и трипати со тренери по 50 минути. Многу напредува во последните шест месеци и верувам до летото ќе биде уште подобар. Постариот Адријан е висок 194 сантиметри (веќе игра за Македонија-н.з.) и исто така има одлични предиспозиции. Негов најголем проблем е што мисли дека ќе биде најдобар и без напорно да работи. Дури откако Мики дојде да живее со нас, виде како треба да се тренира и сега е уште подобар“, дополнува поранешната легенда на Работнички, Југопластија, Ефес Пилсен, Бенетон...

Во останатиот дел од интервјуто, Наумоски говори за својот престој во Сплит, како стигнал и што сѐ направил во Истанбул, за сегашната состојба во српската и македонската кошарка, како и борбата која ја има откако сакаат да го сменат од функцијата претседател на МКФ.

Неговите изјави може да ги прочитате на следниот линк.