Во Работнички се задоволни од сите во клубот, освен од - играчите и тренерите!

Првиот човек на општина Центар, Саша Богдановиќ, како претставник ан целосниот сопственик на Работнички и претседателот на клубот, Ристо Гапиќ денеска направија ретроспектива на случувањата од минатата сезона, која ја оценија како успешна во делот на организацијата и менаџментот, но е разочарувачка на спортски план.

Центарци испаднаа уште во полуфиналето од плејофот од Еуро Никел, а загубија во финалето од Купот на Македонија од МЗТ Скопје, што од управата е оценето како неуспех, особено што управата ги обезбедила сите потребни средства и услови за работа.

„Како сопственик на Работнички сакам да дадам свое видување на завршената сезона, во коај, за жал, не ги постигнавме очекуваните резултати на спортски план. Како раководство, пред сѐ од директорот и членовите на УО, ги обезбедивме максималните услови за функцинирање, најмногу во делот на исплатата на платите, што е беспрекорно во последните две години. Задоволен сум од поддршката од советот на општината и спонзорите, како и од луѓето кои се вклучени во менаџирање на целиот процес поврзан со кошаркарскиот колектив. За жал, годинава не го остваривме тоа што го посакувавме да бидеме први и да го освоиме Купот, а имавме и слаб резултат во АБА2“, изјави Богдановиќ

Ваквиот резултат доведе до желба за промена на клупската стратегија.

„Поради тоа, почнуваме со целосна реорганизација во клубот, почнувајчќи од првиот тим до младинските школи, со цел Работнички да дојде до височините кои и ги заслужува. Со тие што ќе преговараме, ќе сториме сѐ да им овозможиме сите услови. Преговараме со сериозни партнери за да ги обезбедиме потребните средства. Тешки времиња се, но ќе сториме сѐ да го вратиме стариот сјај на клубот“, дополнува првиот човек на Центар.

Потрагата по новите луѓе за новите времиња веќе е почната, а кога ќе има конкретни резултати од неа јавноста дополнително ќе биде известена.