„ТФТ ќе проба да направи сензација во стилот на Полска против Словенија!“

Кошаркарите на ТФТ вечерва ќе пробаат да го направат првиот од трите потребни чекори на патот кон групната фаза од Лигата на шампионите (ЛШ), откако ќе ги одмерат силите со германски Кемниц (21 часот) на турнирот чиј домаќин се тие самите.

Бундеслигашот е огромен фаворит, за што потврдуваат букмејкерите кои очекуваат нивна победа со најмалку дваесетина поени разлика. Но тоа не е причина скопјани да не се надеваат на сензација, во стилот на Полска против Словенија на ЕП 2022.

„Германците играат исклучително брзо и се цврсти во одбраната. Тоа е наш препознатлив стил на игра, но Кемниц го има кренато на повисоко ниво. Не треба да влегуваме во трка со нив и ќе мора да наметнеме игра 'пет на пет' наместо транзиција. Кемниц е фаворит, но нема да се предадеме. Последниот Евробаскет покажа дека чудата се можни во кошарката“, вели Александар Костоски, плејмејкерот на ТФТ.

Во второто денешно четвртфинале, силите ќе ги одмерат Лестер Рајдерс и ЦСО Волунтари (18 часот).