Кошаркарите на МЗТ Скопје дефинитивно ќе имаат голема поддршка од трибините на денешниот меч против Морнар (17 часот) во можеби клучниот натпревар за опстанок во АБА-лигата, поради враќањето на навивачката група „Фемили“ која речиси три години отсуствуваше од натпреварите на македонскиот шампион.

Камбекот беше најавен уште вчера со дваесетминутното шоу на тренингот на „металците“, а истото е потврдено денеска, неколку часа пред натпреварот, се кревањето на дресот на најверните навивачи на кровот од арената „Јане Сандански“.

Очекувањата се дека најмалку 300 припадници на „Фемили“ денеска нема да ги жалат гласните жици со цел да им помогнат на своите миленици да го средат противникот од Црна Гора и да најават подобри времиња на клубот кој е во црна низа од шест порази по ред во регионалното натпреварување.