Шеста победа во седмиот контролен меч: МЗТ Скопје вторпат подобар од романска Крајова!

Кошаркарите на МЗТ Скопје дојдоа до шестата победа во седмиот контролен меч во пресрет на новата сезона, откако попладнево вторпат по ред ја совладаа романска Крајова (81-69), на чија клупа седи поранешниот шампионскиот тренер на овој тим, Александар Тодоров.

Натпреварот беше максимално изедначен, а составот од Аеродром клучната предност ја оствари во втората половина од последната четвртина кога со серија 9-0 дојде до првата двоцифрена предност (70-60), која ја задржа до самиот крај.

Американецот Џабари Хиндс со 24 поени, четири асистенции и три скока беше најдобар кај актуелниот македонски шампион, каде што двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Марко Симоновски со 17, Дамјан Стојановски со 12 и Бојан Крстевски со 11 поени.

Вчера, МЗТ Скопје ја победи Крајова со 82-72, додека претходно ги совлада Гостивар, Вардар, Сигал Приштина и унгарски Шолнок, а загуби од романска Орадеа.