Се знае кој е газда во Гевгелија: Блокотехна лесно до шест од шест против Кожув!

Кошаркарите на Блокотехна брзо се рехабилитираа по неодамнешниот пораз на гостувањето кај Работнички и на најсладок начин им се вратија на победите – во пресметката на домашен терен против Кожув (76-67).

Со ова тимот од Негорци само ја продолжи доминацијата во меѓусебните дуели со градскиот ривал против кого сѐ уште немаат ниту еден пораз, а ова им беше шести триумф во низа, а четврти сезонава (по два во домашното првенство и во БИБЛ-лигата).

Помладиот гевгелиски прволигаш беше подобар во секој сегмент во играта и го имаше водството во најголемиот дел од средбата. Избраниците на тренерот Марјан Илиевски клучната предност ја остварија во третиот период, кога со серија 19-4 дојдоа до највисоките плус 16 (63-47), кои потоа умешно ги одржаа. Најголем проблем за Кожув беа големиот број загубени топки, вкупно 23 како и лошиот шут за два поени (само 41-отсто).

Брендон Пен со 20 поени беше најпрецизен кај Блокотехна, додека одлична партија прикажаа уште и Горан Главчев со 14 поени и Данило Мијатовиќ со 12 поени. Девонта Вилијамс со 20 поени беше најпрецизен кај Кожув.

Ова беше претпоследен меч од 20 коло од Првата лига во кое претходно Работнички убедливо го совлада Шкупи (120-77), Гостивар немаше мака со Пелистер (97-69) додека Вардар бепе подобар од АВ Охрид (76-68). Утре играат Фени индустри и Куманово, а МЗТ Скопје е слободен.

ТАБЕЛА: Работнички 16-2, Блокотехна 15-4, МЗТ Скопје 15-3, Гостивар 13-5, Фени 10-8 (-1), Кожув 10-8, Куманово 8-9 (-1), Вардар 4-14, АВ Охрид 4-14, Пелистер 4-14, Шкупи 0-18.