Работнички со само еден плејмејкер кај најголемиот фаворит за титулата во АБА 2

Поранешниот шампион на Македонија, Работнички вечерва од 18 часот гостува кај Војводина во второто коло од АБА 2 лигата, а пред мечот во Нови Сад, тренерот Горан Самарџиев се соочува со големи проблеми.

Освен тоа што претходните десетина дена тимот остана без странските играчи Његош Сикираш и Весли Персон, вечерва во комбинација нема да биде ни Михаило Јовичиќ. Тој се повреди на загревањето пред дуелот со Феникс и го пропушти и тој меч, а нема да игра ни денеска и не се знае колку точно ќе трае неговата пауза.

Освен тоа што неиграњето на Јовичиќ ќе ја скрати ротацијата на Работнички, скопскиот тим против Војводина ќе биде со само еден плејмејкер и тоа 19-годишниот Андреј Шошкиќ. Веројатно ќе му помага Робев кој повеќе игра на позицијата 2, но често знае да се истакне и како организатор на играта.

Натпреварот против Феникс, Работнички го одигра со само седуммина кошаркари и така веројатно ќе биде и вечерва. Во овие услови, илузорно е да се очекува нешто повеќе од убедлив пораз, но главна цел на 15-кратниот шампион ќе биде да се сочува достоинството и да се избегне дебакл во Нови Сад.