„Финалето да биде спектакл, без инциденти и со - полни трибини!“

Деветмесечната одисеја на кошаркарските прволигаши својата кулминација ќе ја доживее во следните десетина дена, за кога е предвидено одигрувањето на финалната плејоф-серија помеѓу МЗТ Скопје и Работнички, кои денеска, во еден глас, посакуваа таа да биде спектакуларна, а на крајот да победи – подобриот.

Првиот меч се игра в недела во „Градски парк“, а следните две сигурни пресметки се на програмата на 23 односно 25 мај, прво во „Јане Сандански“, а потоа повторно во „Градски парк“. Евентуалните четврти и петти средби се закажани за 28 мај во Аеродром односно 31 мај во „Градски парк“. Сите средби ќе се одиграат со почеток во 20 часот со директен пренос на првиот канал на МТВ.

„Првично би сакал да му честитам на Работнички за првото место во регуларниот дел од најдолгата победничка серија во историјата од 22 триумфи. Апелираме до домаќините за што е можно подобро организирање на финалните натпревари, а до навивачите за фер и коректно однесување за сите да можеме да уживаме во мајсториите на теренот“, изјави спортскиот директор на МКФ, Владимир Темелковски.

На денешната прес-конференција еден против друг се најдоа Марин Докузовски и неговиот поранешен пулен, Ѓоѓи Кочов. Очекувањата на двајцата се слични, а тоа се квлаитетни средби на кои тоа што ќе се случува на паркетот ќе биде во преден план.

„Работнички по неколку години пак се најде во плејоф-финалето. Секогаш кога играат овие два клуба и интересот е поголем, а со тоа и квалитетот. Вечните ривали покажаа дека се најдобри и дека заслужено се во финалето. Очекувам спектакл, а се надевам дека ќе биде на највисоко ниво и на крај нека победи подобриот, изјави тренерот на црвено-белите, Докузовски.

Слични беа размислувањата и на неговиот колега од клупата на „металците“.

„Секогаш кога играат Работнички и МЗТ средбите постои посебен интерес и верувам дека и ова финале ќе биде такво. Се надевам дека ќе видиме спортско навивање и дека сите ќе уживаат во мајсториите на паркетот. Работнички досега покажа одлична игра и е благ фаворит поради тоа и поради предноста на домашниот терен. Нека победи подобриот, а ние ќе сториме сѐ за први да дојдеме до потребните три победи“, изјави Кочов.

Претставниците на Работнички за доминацијата во регуларниот дел од сезоната (30-2) и за низата од 22 победи по ред добија посебна благодарница од МКФ. За вечните ова е прво плејоф-финале по пауза од четири години, а вкупно осум по осамостојувањето на Македонија.