Перо Антиќ официјално потврди: Ќе се кандидирам за претседател на МКФ! (ВИДЕО)

Шпекулациите кои подолг период наназад можеа да се слушнат во кошаркарските кулоари, а за кои Спорт1 пишуваше уште пред два месеци, денеска добиваат официјална потврда, а тоа е дека Перо Антиќ ќе се кандидира за претседател на Македонската кошаркарска федерација (МКФ).

Ова го потврди самиот Антиќ при гостувањето во емисијата „Улица Македонија“.

„Сега првпат кажувам јавно дека ќе се пријавам да бидам прв човек на македонската кошарка“, кусо прокоментира трикратниот европски шампион.

Зад кандидатурата на Антиќ стојат и најголем дел од неговите „соборци“ од историскиот настап и четвртото место на ЕП 2011 во Литванија како Тодор Гечевски, Марин Докузовски, Ѓорѓи Чековски. Тоа дополнително ќе ги вжешти страстите на Изборното Собрание на МКФ, кое сегашниот претседател, Петар Наумоски, ќе мора да го свика по истекувањето на мандатот следниот месец. Во игра за оваа функција е и сегашниот спортски директор, Владимир Темелковски.

Антиќ најави официјално збогување со кошарката следното лето, со досега невиден спектакл во Скопје на кој ќе гостуваат многу големи имиња од европската кошарка и од НБА. Тој е член на Собранието на МОК, а од неодамна и прв човек на Олимпискиот совет.