Пелистер ангажира Американец со снајперски шут од далечина (ВИДЕО)

Екипата на Пелистер со големи амбиции влегува во новата сезона, за што дополнителна потврда е и ангажманот на Американецот Џастин Мартин (30 год, 199 см), кој игра на крилната позиција и чие главно оружје е – шутот од далечина.

Станува збор за искусен кошаркар, кој последните пет сезони ги игра во Европа и тоа екипи од Германија, Русија, Кипар, Луксембург и Исланд, каде што имаше просек од 23,3 поени и 7,5 скокови во дресот на екипата на ИР. Мартин има и одлична колеџ кариера, со оглед што четири сезони настапуваше за Универзитетот Ксавиер, со кој во 2012 година се пласира меѓу 16. најдобри екипи во НЦАА-лигата. Шутот за три поени е најголемиот адут во играта на новиот кошаркар на Пелистер, со оглед што во секоја екипа каде што настапувал од оваа позиција шутирал со 40-отстотна прецизност.

Новиот тренер Марјан Илиевски летово ги ангажира македонските репрезентативци Бобан Стајиќ и Бојан Трајковски, како и српскиот центар Игор Кесар. Во Битола ќе игра и Џалил Абдул Басит, сонародник на новоангажираниот Мартин.