Пеце, Перо и Темел во „низок старт“: МКФ ја закажа трката за кошаркарскиот трон!

Македонската кошаркарска федерација (МКФ) својот нов претседател ќе го добие на 15 мај, за кога Управниот одбор (УО) на синоќешна седница го закажа долгоочекуваното Изборно Собрание со оглед што кон крајот на следниот месец и официјално завршува мандатот на сегашниот прв човек на Куќата на кошарката, Петар Наумоски.

Без разлика што популарниот Пеце завчера, на состанокот со прволигашите, изрази желба изборниот процес да се направи по крајот на првенството, тој, сепак, попушти пред барањата на клубовите кои веќе имаат свои кандидати за неговата позиција.

Единствена разлика од претходно е што клубовите членки на Собранието сега ќе имаат право да поддржат кандидатура на повеќе од еден кандидат. Тоа, пак, значи дека теоретски во конкуренција за прв човек на МКФ може да има речиси 30 кандидати за претседателската функција, на кои, секако, претходно ќе им биде потребно да обезбедат поддршка на десет клубови кои се најмалку две години во системот на натпревари на федерацијата.

Пред неколку дена официјална кандидатура објавија Перо Антиќ, поранешен репрезентативец и троен европски шампион и Владимир Темелковски, актуелен спортски директор во Куќата на кошарката и син на некогашниот прв човек на макбаскетот, Зоре Темелковски. Се очекува нов мандат да побара и самиот Наумоски, кој им две европски титули и кој беше избран за кошаркар на 20 век во Македонија, нешто што има право да го направи според Статутот на МКФ.

На вчерашниот состанок на УО беше усвоена оставката на комесарот за натпреварување, Владо Цветковски, на чие место е поставен Горан Трпушевски. Усвоен е и предлогот на прволигашите за репрограмирање на долговите и тоа нивно плаќање во четири рати и тоа со фиксни датуми – најдоцна до 30 април, 30 мај, 30 јуни и 30 јули.

Обврските кои ќе настанат во следниот период да бидат додадени на последната рата. Доколку клубот не ги плати обврските според дадените фиксни дати истиот ќе биде суспендиран веднаш од понатамошно натпреварување, а доколку не го почитува и последниот рок нема да му се дозволи да пријави екипа во следната натпрварувачка сезона.