Нова сензација за Македонецот: Евролигаш на колена пред Емил Рајковиќ!

Екипата на Астана, на чија клупа втора сезона по ред седи македонскиот стратег Емил Рајковиќ, го направи најголемото изненадување сезоната во регионалната ВТБ-лига, откако попладнево, како гостин, дојде до скалпот на евролигашот Химки (89-88).

Тоа беше неверојатно драматичен меч, во кој двете екипи имаа свои моменти, но на крајот македонскиот тренер излезе како голем победник во директната пресметка со легендарниот Римантас Куртинаитис, поранешна ѕвезда на советската и литванска кошарка. Астана одигра фантастично во втората и третата четвртина, по што дојде до неверојатни плус 17 (73-56) пред крајот на претпоследниот дел од играта.

Домаќинот во последниот период се разбуди и со серија 24-7 направи целосен резултатски пресврт (88-84). Но, дури и тогаш, Рајковиќ и неговите избраници не се предадоа и со пет поени во низа во последната минута дојдоа до драгоцената победа, прва во новата сезона во ВТБ. Претходно, тие загубија од Уникс и од ЦСКА Москва.

Ова беше прв триумф за Астана против Химки по серија од дури седум порази по ред, а првпат во историјата на гостински терен.