Кожув со десет победи и Црн Дрим со една имаат – исти шанси за опстанок!

Одлуката за укинување на Суперлигата и директно префрлање на плејоф со осум екипи поради немањето доволно термини за нормално доигрување на кошаркраската сезона не донесе големи реакции колку одлуката за изостанување на Плејаут лигата и играње турнир со последните четири екипи, од кои две ќе се преселат во понизок ранг.

Тоа значи дека Кожув, Вардар, МЗТ Скопје Уни Банка и Црн Дрим ќе влезат со, теоретски, идентични шанси за останување во елитата и тоа без разлика на учинокот остварен во регуларните 22 кола од Првата лига. Па така, гевгеличани, кои дури по вчерашниот триумф на Академија ФМП останаа без место во доигрувањето, кои имаат дури десет победи ќе мора опстанокот да го бркаат во само два или три меча и тоа без никаква стартна предност против струшкиот прволигаш, кој досега оствари само една победа. А, да се играше класична Плејаут-лига, Кожув речиси уште пред нејзиниот почеток би бил сигурен член на Првата лига следната сезона, првенствено поради големата предност во победи во однос на конкурентите.

Во втората двојка за опстанок дисбалансот е помал, со оглед што МЗТ Скопје УНИ Банка има учинок 6-16, додека Вардар има 4-17 со натпревар против Куманово на домашен терен, кој треба да го одиграа за една недела. Но и тука е забележливо дека тимот што има предност по првиот дел од две или, евентуално, една победа, ќе влезе со идентични шанси за останување во елитата со полошиот, барем според ситуацијата на табелата, противник.

Засега од Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) нема потврда дали плејофот и борбата за опстанок ќе се играат според турнирски систем во т.н. „балон“ или ќе се игра класичен систе дома-гости. Исто така е нејасно дали во Плејаут-лигата ќе се играат два меча на кош-количник или на победи во серија „подобар од три“, ниту, пак, дали подобрите тимови на хартија ќе имаат барем некаква предност во однос на своите ривали.