Неверојатниот Костовски донесе нова историја за ТФТ – прв настап во плејофот!

Кошаркарите на ТФТ продолжуваат да се впишуваат на страниците од историјата на македонската кошарка, откако по неодамна освоениот Куп на Македонија денеска, со триумфот во пресметката со директниот конкурент Гостивар (87-80), првпат обезбедија настап во плејофот.

Тоа беше „да се биде или не“ дуел за двете екипи, во кој домашниот тим подобро се снајде во клучните моменти. Популарната „Тафта“ се врати од негативата од 15 поени (18-33) кон средината на вториот период, по што заигра многу подобро и предводена од феноменалниот Александар Костовски дојде до посакуваната цел. Гостиварци дадоа се од себе, одлични беа во првото полувреме, во кое со серија 17-2 дојдоа до највисоката предност, но немаа сили да го задржат истиот ритам во сите 40 минути.

Костовски средбата ја заврши со 36 поени (пет тројки), седум скока и пет асистенции, со што покажа дека се уште е меѓу најдобрите македонски кошаркари. Зад него беше Американецот Двејн Морган со 18 поени. Александар Тодоровиќ со 19 и Виктор Ефремовски со 18 поени беа најефикасни кај Гостивар.

ТФТ регуларниот дел од сезоната ќе ја заврши на четвртата позиција со скор 18-14 и во полуфиналето од плејофот ќе ги одмери силите со екипата на МЗТ Скопје.