Неочекуван пресврт: Работнички наместо во Градски парк ќе биде домаќин во – Гостивар

Актуелниот шампион и од неодамна и победник во Купот на Македонија, екипата на Работнички, својот натпревар против Кожув од 2. коло од Суперлигата ќе го одигра задутре (15.30 часот), но не во „Борис Трајковски“, како што првично беше најавено, туку во салата „Младост“ во – Гостивар.

Суспендираниот „Градски парк“, кој не доби дозвола за одигрување на суперлигашки и плејоф-средби поради неотстранети забелешки од комисијата на Управниот одбор на МКФ, донесе големо главоболно за управата на центарци, за кои одложувањето на колото донесе дополнителен проблем. Префрлувањето на средбата од четврток во сабота беше причина за нова преселба за црвено-белите, кои поради претходна зафатеност на „ВИП Арената“ при спортскиот центар во Карпош мораа да си бараат нов дом.

Иако можебо поприродно беше да играат во големата сала СРЦ „Кале“, управата на Работнички реши дуелот против Кожув да го одигра во Гостивар, тим со кој има одлична соработка. Ова ќе биде втора ваква преселба за шампионот во овој град од Западна Македонија, со оглед што минатата сезона таму одиграа едно од дерби-пресметките со МЗТ Скопје кое претходно беше одложено поради расипан семафор во „Градски парк“.

Тоа всушност ќе биде двојна програма во салата „Младост“ со оглед што по пресметката помеѓу Работнички и Кожув на паркетот ќе истрчаат и домашниот тим на Гостивар во дуел со Куманово (18.30 часот).