Некогаш заедно газеа со Работнички, сега еден против друг ќе водат битка за Куманово!

Второлигашките натпревари во македонската кошарка речиси никогаш не биле интересни за пошироката јавност, но во новата сезона тоа може да се промени најмногу поради настапот на две екипи од Куманово, предводени од две драстично спротивставени градски струи кои, според многумина, расчистуваат политички сметки од минатото.

Работите станаа ептен поинтересни со денешното именување на Горан Димитријевиќ за тренер на тимот кој минатата сезона испадна од Првата лига и кој има далеку поголема традиција со два настапи во финалето од плејофот за титула. Тој ќе има задача да излезе подобар од битката за најсеверниот македонски град против поранешниот учител, Марин Докузовски, кој летово неочекувано седна на клупата на МКК Куманово, клуб со куса традиција, но со големи амбиции откако зад него застана актуелната локална власт на чело со градоначалникот Максим Димитриевски. Легендарниот тренер и поранешен селектор пред дваесетина и повеќе години соработуваше со Димитријевиќ во таборот на Работнички, каде што заедно освојуваа трофеи и доминираа во македонската кошарка.

Популарниот „револвераш“ и еден од најдобрите шутери во историјата на макбаскетот по неколкугодишна пауза ѝ се враќа на кошарката и тоа во клубот на чија клупа седеше во сезоната 2009/10 кога рогаш единствениот тим од Куманово се врати во Првата лига. Неговата задача останува иста, без разлика на финансиските проблеми со кои се соочуваше клубот во минатото првенство, поради што и испадна во понизок ранг. Заедно со Димитријевиќ ангажирани се нови 14 кошаркари, поради што кумановската јавност со нетрпение ја очекува новата сезона во Втората лига и пред се градското дерби помеѓу двете „завојувани“ страни и тоа на многу различни полиња.