МЗТ Скопје се засили со уште еден репрезентативец на Македонија!

Македонскиот шампион МЗТ Скопје продолжува со комплетирањето на ростерот за новата сезона, откако денеска официјално го промовира репрезентативецот Петар Бошалески како најново засилување.

Тој има 22 години, висок е 197 сантиметри и игра на позицијата бек-шутер. Ги мина сите младински национални селекции, а летово дебитираше и за сениорската репрезентација на Македонија, за која ги одигра првите два натпревари во првата фаза од претквалификациите за Европското првенство во 2029 година.

Охриѓанецот својата афирмација во домашната кошарка ја почна во дресот на Работнички, по што направи трансфер во Пелистер, додека минатата сезона беше еден од најдобрите кошаркари на Тиквеш. На 27 натпревари имаше просек од 12,4 поени, 5,6 скока и две асистенции, партии со кои го привлече вниманието и стигна до повик во сениорската репрезентација.

Бошалески е трето домашно засилување за МЗТ ова лето, по повратниците Лука Стојановски и Никола Василевски. Аеродромци досега ангажираа и четворица странци – Американците Лесли Ворнер и Ноа Фарахан, босанскиот центар Емир Крајиниќ и српскиот центар Димитрије Николиќ. Договори со актуелниот македонски шампион имаат и Дамјан и Војдан Стојановски, Андреј Маслинко и Андреј Андоноски, додека Васко Атанасов останува на тренерската позиција.

МЗТ Скопје во новата сезона ќе настапува на три фронта – во домашните натпреварувања, АБА2 лигата и ФИБА Еврокупот.