МЗТ „лови“ злато вреден брејк, Работнички игра меч кој не смее да го загуби!

Вториот меч од финалната плејоф-серија помеѓу Работнички и МЗТ Скопје, кој се игра вечерва во салата „Борис Трајковски“ (20.15 часот), може да реши многу дилеми околу новиот шампион, а уште повеќе треба да покаже дали „центарци“ можат да најдат сили да се вратат по историското „газење“ (44-80) кое им се случи на првиот дуел.

Евентуален „брејк“ на екипата од Аеродром би значело водство од 2-0 и речиси ставање една рака на победничкиот пехар, со оглед што ниту една екипа во историјата на македонскиот плејоф не се вратила по ваква негатива во финалето. Овој податок носи дополнителен притисок во црвено-белиот табор, каде што работите не се идеални, особено по острата изјава на тренерот Марин Докузовски во мечот во „Јане Сандански“ во која удри со „дрва и камења“ по своите кошаркари.

Проблем плус за вечерашниот домаќин е најверојатното отсуство на плејмејкерот Димитар Мираковски, кој се повреди во третиот период од средбата во саботата и до крајот не влезе во игра. Ионака кусата ротација станува пократка, а со тоа се зголему напорот кај останатите во тимот, кои веќе се пред крај на силите. Не е сјаен и односот со навивачите, што можеше да се види по „мајсторката“ во полуфиналето против Блокотехна, кога играчите и стручниот штаб беа нападнати од дел од таканаречените најверни навивачи, што дополнително носи нервоза во таборот на Работнички.

Но, како и пред секое друго дерби, сето ова се работи кои се забораваат кога судиите ќе ја потфрлат топката. Ова се средби кои ги решава моментната инспирација и тоа кој тим има поголема желба за успех.