МЗТ ќе игра против двете најдобри екипи во Кина на турнир во Чонгкинг!
Аеродромци кон крајот на следниот месец ќе заминат во кинескиот град Чонгкинг, кој се наоѓа во истоимената провинција во оваа трета по големина земја во светот. На овој турнир ќе настапат кинескиот шампион Лиаонинг и вицешампионот Ксинјанг, додека името на четвртата екипа, која исто така ќе биде од Европа, дополнително ќе биде објавено.
Ова ќе биде одлична проверка за четата предводена од тренерот Васко Атанасов во пресрет на сезоната во која „металците“ ќе ја бранат двојната круна на домашна сцена и ќе се обидат да се вратат во елитната АБА-лига. Летово нови аквизиции за сино-белиот состав се Американецот Брандон Слај и Србинот роден во БиХ, Милош Копривица, додека соработката со овој клуб ја обновија Хрватот Марко Бакович и браќата Дамјан и Војдан Стојановски. Договор со МЗТ имаат уште и Бојан Крстевски, Марин Петков, Андреј Андоноски и Марко Миловановиќ.