Екипите на МЗТ Скопје и Работнички дојдоа до убедливи победи во денешните пресметки со Куманово (92-57) односно Гостивар (99-70) во 8. коло од Суперлигата по што аеродромци ја задржаа предноста од две победи пред вечниот ривал, а со тоа направија и огромен исчекор кон стартната позиција број еден пред плејофот.

Сино-белите од Аеродром сега можат дури и да ги загубат последните две суперлигашки средби на гости против Гостивар и Работнички и пак да бидат први пред доигрувањето, но само под услов поразот против најголемиот противник да не биде со 25 и повеќе поени разлика. Секоја негатива под оваа граница би им ја донела првата позиција и можноста сите решавачки средби во плејофот да ги играат на домашен терен.

Составот од „Јане Сандански“ лесно ги совлада кумановци дури и без помошта на тројца странци, повредениот Андрија Бојиќ и Американците Лестер Медфорд и Џејмс Вудард (полесна настинка) како и без Андреј Маслинко. Шанса добија помладите, а најпрецизни беа Андреј Магдевски со 17 и Предраг Самарџиски со 16 поени. Мекиќ и Ѓекиќ со по 16 поени беа најефикасни кај Куманово.

Центарци, пак, без повредениот Бојан Крстевски и заминатиот Дариус Вашингтон немаа мака против незгодните гостиварци. Чавдар Костов со 28 и Ѓорѓи Чековски со 20 поени беа најпрецизни кај Работнички додека Ефианаи и Тасовски со по 12 поени беа најефикасни кај Гостивар.

Во последниот меч од рундата, силите ги одмеруваат Кожув и Блокотехна.