МТВ обезбеди ресурси за пренос од вечното дерби, па ги - искара клубовите!

Првата сезонска пресметка помеѓу најголемите кошаркарски ривали, Работнички и МЗТ Скопје, која ќе се одигра в недела од 18 часот, сепак, ќе биде директно пренесувана на собранискиот сервис на МТВ, откако луѓето од оваа телевизија вложија екстра-напор да обезбедат дополнителни технички средства за пренесување слика од „Градски парк“ до домовите на спортските вљубеници во државата.

Вчерашната информација дека ќе нема пренос од вечното-дерби донесе остри реакции на социјалните мрежи од тие што сакаат да следат врвен домашен спорт, а немаат можност да се најдат на трибината во салата во Парк, што секако бил дополнителен мотив за луѓето од националната ТВ-куќа да се потрудат да им ја остварат желбата.

„И покрај тоа што не наиде на разбирање кај клубовите, кои не прифатија да играат вечно дерби во телевизиски „прајм-тајм", в сабота од 20 часот и тоа во склоп на 12-часовен спортски маратон на МТВ-1, Македонската телевизија вложи максимален ангажман и обезбеди дополнителни технички ресурси за, сепак, да може да го продуцира овој пренос. Сакајќи да избегне ситуација како секогаш порано, без никаква вина да биде прогласен за виновник ако го нема дербито на ТВ, јавниот сервис стори сѐ пошироката јавност да го гледа најочекуваниот кошаркарски натпревар кај нас. Сепак, уште отсега ја најавуваме можноста, токму поради некооперативноста на најголем дел од клубовите во однос на закажувањето на термините, најинтересните натпревари од домашното првенство да ги нема на телевизиските екрани“, напиша  уредникот на спортската редакција на МТВ, Драган Николовски, на социјалните мрежи.

Главна причина поради што дербито не можеше да се одигра в сабота, како што бараа луѓето од националниот сервис, е фактот што МЗТ Скопје денеска го игра мечот од 8. коло од АБА2-лигата против Широки (19 часот), што во тој случај би им оставило помалку од 48 часа за одмор и подготовка за пресметката со најголемиот ривал.