Лечиќ: Шампионот да се добие на паркет и тоа летово со турнир во Маврово!

Во „војната со зборови“ на релација помеѓу Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) и МЗТ Скопје поради несогласувањето околу начинот на кој би се финиширала прекинатата сезона поради пандемијата со коронавирусот, денеска е вклучен и легендарниот Лазар Лечиќ и тоа со интервју на официјалната интернет-страница на Куќата на кошарката преку која го нападна актуелниот шампион и тим на чија клупа седеше во минатото.

Популарниот Грк не разбира зошто „металците“ толку инсистираат да ја добијат титулата, за која вели дека е најдобро да се додели по битка на паркетот и тоа за време на летото. Лечиќ смета дека ако дозволат условите, најдобро е да се организира пресметка на најдобрите екипи во Маврово, преку кои ќе се добие најдобриот.

„Јас знам само дека титулата се заработува на теренот, а не со вакви кавги какви што забележувам во последно време помеѓу кошаркарските субјекти. Тоа е решението, да се најде спортски начин за да дојдеме до најдобриот во сезоната. Сега има други проблеми за решавање. Доколку се отвори и најмала можност, шампионот да се добие на терен. Некои мои размислувања се тоа да биде преку организирање на завршен дел или турнир, кога ќе се стекнат безбедносни услови за тоа. На пример, четирите најдобри екипи да играат во еден град, на пример во Маврово, кое нуди оптимални услови за реализација, пред сѐ од здравствен и безбедносен аспект. Можеби на крај на август или пак во септември...“, вели основоположникот на модерната македонска кошарка.

Тој смета и дека во иднина треба да се намали бројот на странски кошаркари, за да им се дада поголема шанса на помладите.

„Моја идеја би била за следната сезона да се ограничи бројот на странски играчи од четворица на двајца. Да не дозволиме тренерите да ни станат своевидни инвалиди односно паразити, секако условно кажано. Да не чекаат четири, пет или шест странски играчи, да прават резултат со нивна помош, а без онаа која треба да дојде од младите играчи. Помина тоа време... Кој ќе купи толку квалитетни странци кај нас во сезоната која доаѓа. Не верувам дека има многу такви клубови, подготвени за тоа. Треба да се размислува напред, а не да се расправа за титулата, за еден пехар. Да им се даде уште поголема шанса на младите. Оваа сезона МЗТ Скопје го почна тоа, тоа е за пофалба, така треба и да продолжат, да не се занимаваат со некои други работи“, дополнува Лечиќ.