Куп-финале за уживање: МЗТ брка изедначување, Работнички по ново - одлепување!

Најголемата кошаркарска класика во државата помеѓу МЗТ Скопје и Работнички (17.30 часот), денеска во СРЦ „Кале“, ќе го даде одговорот на прашањето околу победникот во Купот на Македонија, односно кој ќе биде првиот што ќе триумфира откако ова натпреварување го носи името на трагично загинатата легенда, Благоја Георгиевски-Буштур.

Тоа ќе биде седма вечна-пресметка во финалните битки, а вкупно 16-та за центарци, а 14-та за аеродромци во пресметките за победничкиот пехар. Средба која ќе ја реши моменталната инспирација и фактот која од двете екипи ќе покажа поголема желба и ќе го остави срцето на паркетот во обидот да ја израдува својата армија навивачи.

„Металците“ до финалето стигнаа релативно полесно, пред сѐ поради полуфиналната пресметка со Академија ФМП во која лесно дојдоа до триумфот, со оглед што противникот им направи огромна услуга со четвртфиналната елиминација на најдобриот досега сезонава, тимот на Пелистер. Црвено-белите од „Градски парк“, пак, мораа да одиграат два тешки и исцрпувачки натпревари, прво против ТФТ, а потоа и против Еуро Никел, во кои мораа да дадат и повеќе од максимумот и кои беа решени дури во последните моменти. И аеродромци имаа тешко четвртфинале со Куманово, но затоа вчера имаа многу полесна задача, а згора на тоа добија неколку часа повеќе за одмор од противникот.

Но, сето ова е неважно и се заборава кога на теренот излегуваат најголемите кошаркарски ривали. Уморот останува во соблекувалните, а до крајот царува адреналинот, кој им дава дополнителна енергија на играчите да го дадат својот максимум и да пробаат да му донесат триумф на својот тим. Влогот е голем, а возбудувањето уште поголемо, особено ако се знае дека двата тима се на само една победа разлика во Купот на Македонија, што носи дополнителен шмек на денешното финале.

МЗТ Скопје ќе стори сѐ да триумфира и да дојде до победничкиот пехар, со што конечно ќе успее да се изедначи по бројот трофеи со вечниот противник. Сино-белите сега имаат девет трофеи, еден помалку од Работнички, чии кошаркари, пак, ќе сторат сѐ односно да го „одлепат“ овој тим од противникот на вечната листа куп-победници, но и да го одбранат пехарот од пред две години во Гевгелија (лани не се играше).

Сето ова најавува пеколна борба и неизвесност до самиот крај. Ограничување во играњето на странците (на теренот) ќе нема, тренерите ќе може да го извадат максимумот од сите што им се на располагање, што ветува жестока борба. Единствена штета е што ќе нема навивачи на трибините, поради пандемијата со коронавирусот, со што овој спектакл би бил комплетен. Но, затоа ќе има пренос на МТВ-3, за делумно уживање на фановите на двете екипи, но пред сѐ за сите вистински вљубеници во играта со портокаловата топка.