Кошаркарски тим од Скопје бара квалитетни играчи со оглас објавен на – Фејсбук! (ФОТО)

Ако до пред некоја година беше интересно да се информира за огласите кои фудбалските прволигаши ги објавуваа во Заводот за вработување, деновиве хит во јавноста е обидот на кошаркарски второлигаш Албес да ангажира квалитетни играчи со објавување оглас на – Фејсбук.

Станува збор за новоформиран клуб од Скопје, кој пред неколку дена на сличен начин ја информира јавноста за своето формирање, но и желба во брзо време да се најде меѓу екипите кои ќе се борат за влез во кошаркарската елита. За исполнување на ваквите замисли, на управата на клубот им се потребни засилувања кои решија да ги побараат на вака необичен начин, преку оглас наместо преку директно комуницирање со тие што ги исполнуваат нивните услови.

„Кошаркарскиот клуб АЛБЕС, кој како новоформиран клуб успеа да ги надмине финансиските проблеми со кои се соочуваше, сега и официјално ја достави својата апликација да биде дел од Втората македонска кошаркарска лига. Имињата на луѓето кои го презедоа спонзорството на клубот ќе бидат објавени во наредните денови, откако ќе се вратат од годишниот одмор, и тоа преку прес-конференција за медиумите. Во врска со аспирациите на клубот, КК АЛБЕС најавува дека е во потрага на квалитетни кошаркари, со кои атакуват да бидат дел од најдобрите четири екипи во Втората лига. Сите заинтересирани кошаркари можат да контактират на е-пошта на клубот“, се вели во соопштението на новиот второлигаш.

Рокот за пријавување на екипите кои сакаат да се натпреваруваат под капата на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ) истекува на 1 септември, кога и официјално ќе се знае колку и кои екипи ќе играат во Првата односно Втората лига.