Коронавирусот ја сопре работата на младинските кошаркарски школи

Играњето без публика веќе втора недела станува секојдневие за македонските кошаркарски колективи поради мерките на Владата за спречување на ширењето на коронавирусот, кои по денешното заострување извесен период целосно ќе ја запрат работата во младинските категории.

Денеска голем број од клубовите и младинските школи објавија дека поради новонастанатата ситуација ќе прекинат со работа во следните две недели, за кога важи и прекинот на работата на училиштата и факултетите. Меѓу тие што се решија за ваков чекор е и кошаркарскиот прволигаш Куманово, чие раководство денеска извести дека во следниот период нема да одржува тренинзи ниту, пак, ќе игра натпревари.

„Со цел превенција од ширење на вирусот, согласно препораките на Владата, одлучивме во следниот период да се одложат сите тренинзи и натпревари на клубот. Ова важи за младинските екипи и за кошаркарската школа на Куманово, додека сениорскиот тим продолжува да работи со исто темпо, изјави за „Кумановски муабети“ првиот човек на кумановци, Александар Крстевски.

Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) изминатите два викенда наложи играње пред празни трибини во сите возрасни категории, но засега сѐ уште се нема изјаснето за тоа како и дали ќе се играат средбите закажани за претстојниот викенд.