Кошаркарките на Работнички победија со 100 поени разлика – буквално (ВИДЕО)

Квалитетот во македонската женска кошарка одамна е на најниско ниво, а разликата помеѓу неколкуте подобри екипи и останатите прволигаши е огромна, што најдобро се виде на средбата од 10. коло од западната елитна група во која Работнички победи со сто поени разлика и тоа – буквално.

„Жртва“ на расположените девојки во црвено-бела опрема беа кошаркарките на Пантери, а крајниот резултат на семафорот изнесуваше 120-23. Разликата беше огромна, а случувањата на паркетот како своевидна борба на „мачка со глушец“. Гостинките во ниту една четвртина не реализираа двоцифрен број поени, а во вториот период не постигнаа ниту еден кош, односно за десет минути реализираа само едно слободно фрлање (27-1).

Тоа беше шеста победа во седмиот меч за Работнички, а во западната група најдобри во моментов се Струга со скор 6-0 и Бадел 1862 со 5-0. На Истокот, пак, без пораз сѐ уште се Баскет Кам 2011 и ЖКК Вардар со по пет победи од пет меча.