КФМ реши: Прволигашите „добија“ девет дена за купување играчи пред плејофот!

Кошаркарските прволигаши имаат уште само девет дена за регистрирање нови играчи пред клучните битки за двата домашни пехари, откако КФМ донесе одлука преодниот рок да заврши на 16 април.

Според информациите од Куќата на кошарката, членовите на Управниот одбор на состанок на 30 март, одржан без физичко присуство по електронски план, донесе ваква одлука поради промена на системот за натпреварување. Пред извесно време беше решено да се укине Суперлигата поради големиот број одложени натпревари и директно да се продолжи со плејоф, во кој ќе настапат осумте најдобри тима.

Комесарот Александар Милојевиќ направи распоред за одигрување на сите мечеви најдоцна до 7 мај, по што е планирано одигрување на завршниот турнир од Купот на Македонија, кој од годинава ќе го носи името на легендарниот Благоја Георгиевски-Буштур, кој трагично настрада пред нешто повеќе од една година.

Новата одлука на УО на КФМ дефинитивно ќе донесе мобилизација кај прволигашите, кои со ова добија шанса со мала инвестиција да дојдат до далеку посилни екипи, а со тоа и до поголема шанса да ја остварат целта. Без разлика дали тоа е борба за титулата и куп-трофејот или опстанок во елитата.