Има дожд, нема меч: „Градски парк“ прокиснува, Работнички се сели во – друга сала!

Дотраеноста на „Градски парк“, сигурно најкошаркарската сала во државата, вечерва уште еднаш можеше да се види на „дело“, бидејќи поради обилниот дожд и кровот што прокиснува, кошаркарите на Работнички и на Вардар мораа во последен момент да се преселат во друг објект за да го одиграат натпреварот од 17. коло од Првата лига.

Дуелот беше закажан од 18 часот во домот на најтрофејниот тим кај нас, но ќе почне со задоцнување и ќе се одигра во големата сала во СРЦ „Кале“, која ја стопанисува Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ). Лошите временски услови и фактот што цел ден врне, придонесе да нема ниту минимални услови за играње на овој дуел, кој е од исклучително значење на двете екипи. Центарци се борат за што подобар пласман во пресрет на Суперлигата, во ситуација кога со уште четири екипи се изедначени на втората позиција на табелата со учинок 11-5, додека вардарци, пак, се во грчевита борба за опстанок со Академија ФМП со која во моментов имаат идентичен скор 3-13.

Работнички подолго време има проблеми со дотраеноста на салата „Градски парк“, која последниве две сезони добива лиценца за играње само во првиот дел од првенството. Останува да се види дали црвено-белите во Суперлигата ќе се преселат во друг спортски објект, како што беше случајот минатата сезона кога настапуваа во „Борис Трајковски“ или, пак, ќе успеат да го оспособат својот дом и до крај ќе играат во него.