Кошаркарите на Гостивар без никакви проблеми дојдоа до петтата победа во шестиот меч сезонава во Првата лига, откако попладнево, како гости, го совладаа младиот состав на МЗТ Скопје УНИ Банка (106-76), со што се зацврстија на врвот од прволигашката табела.

Гостите беа огромен фаворит, поради што тренерот Марјан Србиновски калкулираше со минутажата на најдобрите. Неизвесноста траеше само во почетните минити, по што гостиварци првиот период го завршуваат со серија 13-5 за прво двоцифрено водство (29-19), кое до крајот само го зголемуваа.

Вториот тим на актуелниот шампион, сепак, не се посрамоти, а ќе остане запишано дека три пати имале водство на овој натпревар, но и дека ја добија последната четвртина и тоа со солидни 28-21.

Ѓорѓе Џелетовиќ со 31 поени и Ренато Димитриевски со 24 поени беа најефикасни во победничкиот тим, додека Дарио Митевски со 20 и Леонид Тодоровски со 19 поени беа најефикасни кај МЗТ Скопје УНИ Банка.

Денеска се играат и останатите четири средби од шестата прволигашка рунда во кои силите ќе ги одмерат МЗТ Скопје и Академија ФМП (17 часот), Вардар и Пелистер (17 часот), Еуро Никел и Работнички (18 часот), како и Кожув и Куманово (18 часот).