ФМП сонува сензација и против МЗТ, Еуро Никел огромен тест за Работнички!

Вчерашните четвртфинални пресметки само ја потврдија тезата дека годинешната завршница од Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“ ќе биде една од најинтересните и најнеизвесни во последната деценија, што само го зголемува интересот во јавноста во пресрет на денешните пресметки од полуфиналето.

Херои на денот, дефинитивно, се кошаркарите на Академија ФМП, кои сензационално го совладаа Пелистер (100-98), најдобриот тим во досегашниот дел од сезоната. Со големо срце и огромна борбеност го надополнија хендикепот на пократката клупа и помалиот број квалитетни домашни играчи и се изборија за дуел со МЗТ Скопје (17 часот). Аеродромци во мечот влегуваат како големи фаворити, но со една мисла во главите – дека четата предводена од Александар Петровиќ никако не смее да биде потценета.

Еуро Никел неочекувано лесно го прегази Гостивар, покажувајќи квалитет и моќ со кои потсетија на шампионските денови на овој тим кога под името Фени индустри неколку сезони беше доминантни во макбаскетот. Кавадарчани се одлично пополнети на секоја позиција, го имаат фантастичниот Дарко Соколов, кој ја доживува втората младост, како и џинот Роберт Рикиќ, кој доминира под двата коша. Заедно со искуството на Данило Мијатовиќ и брзината и прецизноста на Џексон Дубински и борбеноста и пргавоста на Никола Караколев, тоа е тим за највисок дострел.

Поради сето ова, нивниот денешен противник Работнички (19.30 часот) ќе мора да даде дури и повеќе од моментниот максимум ако сака да дојде до финалето. Центарци не блескаа против ТФТ, до триумфот дојдоа на искуство, но најтрофејниот секогаш е најопасен кога ќе се потцени. Ако им проработи шутот, тогаш ќе гледаме навистина фантастична и до крај неизвесна пресметка.

Мора да се нагласи дека во полуфиналните и во финалниот дуел нема да има ограничување во делот на задолжително играње на македонски кошаркари, па тренерите ќе може максимално да ги искористат своите странски засилувања, што ќе донесе дополнителен шмек на решавачките пресметки.