
Феникс го затвори првото коло со убедлива победа
Пресметката во „Јане Сандански“ помина во доминација на домашниот тим кој беше подобар во сите 40 минути. Огромен дел од работата заврши уште во првото полувреме кое го доби со 45-27, па второто полувреме остана само формалност, без тензија на теренот или драматичност.
Блескаше поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Виктор Златевски кој летово го засили тимот на Феникс. За 37 минути на теренот, тој постигна 24 поени, 10 асистенции и 6 скока за индекс 35, највисок на мечот. На ниво беа и Донзо кој постигна 16 поени и 7 скока и Волканоски кој постигна 8 поени и 12 скока.
Во тимот на Ангели, единствен тим во суперлигашката конкуренција кој сезоната ја почна без странци, најдобар беше Теон Богатиновски со 15 поени.