Кадетите блеснаа силно, ама славата не смее да ги успие!

ИГОР КРСТЕВСКИ

Македонската кошаркаркарска јавност деновиве, барем за момент, се врати седум години наназад и делумно, секако во побледа нијанса, ја доживеа еуфоријата од историскиот успех на ЕП во Литванија. „Виновници“ за тоа беа кадетските репрезентативци, кои го освоија бронзениот медал на континенталниот собир од Б-дивизија во Сараево, но што е уште поважно, изборија промоција во повисок ранг.

Момчињата на возраст до 16 години станаа само вторите на кои им успеа вакво нешто, откако е воведен овој систем на европско натпреварување во младинските категории. Миловановиќ, Андоновски, Савичевиќ и останатите се стекнаа со право да се пишат во иста реченица со веќе реномираните Самарџиски, Костовски и браќата Стојановски, кои пред 12 години први ја минаа второлигашката пречка.

Во босанската престолнина заминаа тивко и без помпа, но како што одминуваше шампионатот и се редеа победите, сѐ повеќе го освојуваа срцето на спортските фанови кај нас. Не им беше забележано за убедливиот пораз од домаќинот во полуфиналето, на што вратија на најдобар можен начин – со триумф над Чешка во малото финале, доволно за остварување на сонот кој остана недосонуван за многу генерации пред нив.

Да не се лажеме, успехот е голем само поради нашето долгогодишно чекање на состав кој може да се замеша во борбата за врвот, па поради тоа и помалку забораваме дека ова, сепак, е Втора лига. Сушните пет-шест години на секаков кошаркарски план нѐ натера да ги намалиме стандардите и да ја спуштиме минималната граница која треба да се мине за да се радуваме. Бронзениот медал за нас, можеби, има златен сјај, но реалноста вели дека Македонија на крајот од приказната е дури 19-та селекција во Европа во кадетска конкуренција.

Нејсе, без разлика на сето ова, избраниците на селекторот Александар Јованчев апсолутно го заслужија вниманието на јавноста, кое деновиве е насочено кон нив. Со големото срце и квалитетот покажан на паркетот, најавија подобри денови за макбаскетот, но и покажаа дека до резултат се доаѓа само со голем напор, тони излеана пот и пред сѐ со планска работа. Оваа репрезентација е заедно речиси три години, стручниот штаб и кошаркарите се познаваат до најситен детал, што на крајот донесе и резултат.

Овој принцип на работа треба да биде репер за сите следни генерации, нормално ако сакаме во блиска иднина повторно да доживееме историски моменти како четвртото место на ЕП 2011. На кадетите, пак, е во следните два-три дена да уживаат во пофалбите што ги носи големиот успех. Но, веќе од четвртиот ден, повторно да влезат во сала и да продолжат да работат со исто темпо. Од тренинг во тренинг да вложуваат поголем напор, да леат пот, бидејќи само така се доаѓа до ѕвездите. Величењето и славата се убави, но траат кратко. Само од нив самите зависи дали ќе продолжат во ист стил да напредуваат и да се издигнуваат или, пак, ќе се задоволат само со мал блесок и прикажаното во Сараево ќе биде најсјајниот дел од нивните кариери. .

И, што и тоа како е важно, самите треба да решат дали ќе го прифатат неодамнешниот совет на големиот Дино Раѓа, чии зборови треба да бидат како „Оче наш“ за секој талент на просторот на некогашна СФР Југославија. А, тоа е дека ако играат кошарка само ради парите, тогаш брзо ќе пропаднат. Но, ако напред ги турка желбата за успех, тогаш само небото ќе биде нивниот лимит.

А, ако успеат во тоа, тогаш и големите пари нема да ги заобиколат. И, нормално, и години и години на успеси и радост за македонската спортска јавност.