Спектакуларна трка на Верстапен – од десеттата позиција до триумф на Хунгароринг!

Макс Верстапен незапирливо ита кон одбрана на шампионската титула во формула 1-шампионатот, откако денеска дојде до осмата победа сезонава и тоа на спектакуларен начин на Големата награда на Унгарија.

Холанѓанецот трката на патеката „Хунгароринг“ ја почна дури од десеттата стартна позиција, но тоа не го спречи со фантастично возење да стигне до највисокото место на пиедесталот. Тој полека се пробиваше кон врвот, двапати го престигна Шарл Леклер во директен дуел за водство, а потоа успешно ги одбиваше нападите на двоецот на Мерцедес.

Луис Хамилтон вторпат во седум дена завршува зад Верстапен, што за Британецот е петта трка по ред на која е на победничкиот пиедестал, по претходните три трети места во низа. Човекот кој вчера изненади со првата пол-позиција во кариерата, Џорџ Расел, заврши како третопласиран.

Најголемиот конкурент на холандскиот возач во генералниот пласман, Леклер, заврши дури како шести. Верстапен останува прв со 258 бодови, пред конкурентот од Монако со 178 и Серхио Перез со 173 бодови.