Сезоната во Формула 1 ќе заврши во јануари?

Откако пандемијата на коронавирус го одложи стартот на сезоната во Формула 1, па засега не е јасно кога ќе стартува и со која трка, постои голема веројатност „октанскиот циркус“ да има посебна и специјална сезона и да трае практично до крајот на јануари идната година.

Според информациите, тимовите во Ф1 ѝ дале потполна слобода на Ф1 и на Либерти Медија да состават нов календар за остатокот на сезоната.

„Ова се клучни моменти, на челниците им дадовме слобода со останатите шефови на тимовите да состават нов календар, може да имаме само дводневни викенди, тренинзите да се стиснат за сабота наутро, ако треба календарот да се згусне, за да се избегнат логистички проблеми“, велиМатија Биното, шефот на Ферари.

Тој посочи дека можно е сезоната да се продолжи до јануари 2021, а потоа тимовите да имаат само еден месец пауза, па во новата сезона во средината на март 2021 да почне следната сезона.

„Тоа се опции што се разгледуваат. Ако тој потег ни овозможи комплетна сезона 2020, а потоа следната да почне во март, веројатноста да се случи такво е доста голема“, додава тој.