Се јави АФМ: Трката не беше организирана според безбедносните правила!?

Откако се случи страшен инцидент, по кој за среќа мина без трагични последици, преку соопштение се јави Автомобилистичката федерација на Македонија (АФМ), која со години е во војна со клубовите. И според АФМ, денешната кружна трка во Скопје не била организирана според безбедносните правила.

Клубовите и федерацијата одамна се во војна, па автомобилистички настани во оследните неколку години воопшто и да нема. Ги нема ридските трки на Водно, кои беа во календарот на ФИА, ги нема ниту кружните трки, а денешната прва во Скопје по седум години пауза не го дочека крајот. Хрватот Бркиќ со Хонда сивик пред целната рамнина изгуби контрола и „собра“ еден од организаторите, кој за среќа мина само со поведи и е надвор од животна опасност.

Инаку оваа кружна трка во Скопје беше поддржана и од Агенцијата за млади и спорт (АМС).

Целото соопштение на АФМ ви го пренесуваме во целост.

„Автомобилистичка федерација на Македонија (АФМ) изразува длабока жалост за учесниците во денешниот инцидент кој се случи на кружната трка во Скопје и се оградува од секаква одговорност за настанатиот инцидент на трката бидејќи трката беше организирана од лица кои не се членови на Федерацијата, спротивно на сите правила на Федерацијата и очигледно без задолжителни безбедносни мерки за организирање на вакви натпревари.

Федерацијата укажа на сите органи кои ја подржаа вака организирааната трка, вклучително и Агенцијата за млади и спорт и Министертсвото за внатрешни работи, кои навремено беа известени дека трката се организира спротивно на правилата на АФМ и без никакви безбедносни мерки.

Очекуваме во иднина, Агенцијата за млади и спорт и сите останати државни органи, да не дозволат како што дозволија овој пат да се организираат натпревари од неовластени организатори, спротивно на правилата на Меѓународната автомобилистичка федерација (ФИА) чија членка е АФМ“, се вели во соопштението на АФМ.