Расел прв ќе стартува во Лас Вегас, разочараа Ферстапен и Норис, а изненади – Гасли!
Ова е негова трета пол-позиција сезонава и вкупно четврта во кариерата, со што ја потврди доминацијата на Мерцедес на овој тркачки викенд. Еуфоријата во овој тим, сепак, беше нарушена од Луис Хамилтон, кој направи две грешки во третата квалификациска сесија и заврши на десеттото место. До Расел на стартот ќе биде Карлос Саинц од Ферари, додека вториот ред го сочинуваат Пјер Гасли од Алпин, како најголемо изненадување и Шарл Леклер од Ферари. Следуваат двете разочарувања, Макс Ферстапен, кој ќе стартува од петтата позиција и Ландо Норис (Мекларен), кој е зад него, по што следуваат Јуки Цунода (Ред Бул), Оскар Пјастри (Мекларен) и Нико Хулкенберг (Хас).
Квалификациите беа обележани со инцидентот на Франко Колапинто, кој на крајот од втората сесија го уништи својот болид Вилијамс. Во генералниот пласман, Макс Ферстапен е прв со 393 поени, пред Ландо Норис со 331 и Шарл Леклер со 307. Во конкуренцијата на конструкторите, води Мекларен со 593 поени, пред Ферари со 557 и Ред Бул со 544.
Трката за Големата награда на Лас Вегас ќе се одржи утре од 7 часот наутро по македонско време.