Официјално: Вилијамс го смени Кубица со Латифи

Николас Латифи (24) следната сезона ќе вози за Вилијамс во Формула 1 шампионатот и ќе го замени Роберт Кубица, кој си заминува по само една година, откако направи кам-бек во спортот. 

Актуелниот Формула 2 возач изминатиот период извозе неколку тренинг-сесии со англискиот тим, а во минатото беше тест-возач на Рено и резерва во тимот на Форс Индија (Рејсинг поинт).

Тој следната сезона ќе вози покрај Џорџ Расел, а моментално се наоѓа на второто место во генералниот пласман во Формула 2.

„Навистина сум пресреќен што ќе добијам шанса во 2020 година. Уживав во работата со тимот годинава, со мојата подршка и развојот на автомобилот. Едвај чекам да почне следната сезона и да дебитирам во Ф1 на австралиското Гран При“, рече Латифи.