Ништо ново: Уште една трка во Мото ГП е откажана поради коронавирусот!

Откако новиот коронавирус запре сè во нормалниот живот и во спортот, веќе не е ни новост дека некој предвиден спортски настан е откажан, а последено во низа е откажувањето на Големата награда на Шпанија во мотоциклизам.

После Катар, Аргентина и САД, на ред дојде и откажувањето на трката во Мото ГП во Шпанија, земја која е втора најпогодена од Ковид-19 во Европа. Трката требаше да се вози на патеката Херез и по календарот беше предвидена за 3 мај, но веќе јасно е на повеќе од еден месец дека нема шанси да се одржи.

Трката во Катар комплетно беше откажана, додека гранпријата во Аргентина и САД беа презакажани за нови термини. Сега останува да се види дали оваа трка во Шпанија ќе се избрише од календарот или ќе биде исто така презакажана за некој подобри и побезбедни времиња до крајот на годинава.

Засега стартот на сезоната останува за 17 мај во Ле Ман, ама како што стои ситуацијата со Ковид-19 низ Европа и светот, многу брзо може и оваа трка да се откаже или да се пролонгира.