„Намерно се заразив од ковид-19 за да бидам потоа позаштитен“

Поранешниот мотоциклистички ас Марко Меландри ја шокираше цела Италија откако за „Газета дело Спорт“ откри дека намерно се заразил со коронавирусот за да му помине редот и да добие поголема природна заштита, за да избегне вакцинација.

Најугледниот италијански весник ги цитираше зборовите на Меландри, кој откако неговите изјави излегоа, многу брзо потоа се „предомисли“ и на социјалните мрежи се вадел дека сѐ што кажал всушност било – иронија.

„Намерно се заразив за да бидам во добра состојба барем неколку месеци, иако не беше лесно. Морав намерно да се заразам, зашто мора да работам, а не сум сигурен дека вакцината е одржлива алтернатива. Тие што ќе ја прележат болеста се многу позаштитени. Не сум против вакцинцијата, немам ништо против вакцините, но сум против кршење на слободата на еден човек“, рече Меландри.

Откако овие изјави предизвикаа огромна реакција на Апенините, Меландри се вадеше дека сето тоа било кажано со иронија.

„Тоа што го кажав беше иронична шега, а се случи – бура. Не се заразив намерно, ниту сум бил во контакт со позитивни случаи, туку низ шега сакав да кажам дека ќе бидам позитивен само за да ја добијам 'зелената пропусница' (сертификатот – н.з.)“, рече Меландри.