Леклер сензационален победник во Монца – тактички го надмудри Мекларен!

Шарл Леклер од тимот на Ферари е сензационален победник на денешната трка за Големата награда на Италија, откако извозе феноменално на патеката во Монца тактички надмудрувајќи ги сите противници.

Возачот од Монако прво стартуваше одлично, па брзо ја искористи „војната“ на тимските колеги од Мекларен за да напредува од третата на втората позиција, а по извесен период да се најде и на лидерската позиција по првичната замена на гумите. Леклер долго време не беше сметан за кандидат за победа и сите очи беа вперени кон Оскар Пјастри и Ландо Норис, но на 15-тина кругови до крајот беше јасно дека тој има мангупска стратегија со едно влегување во боксот, за разлика од останатите со две промени на гумите.

Пјастри и Норис успеаја да го престигнат Карлос Саинц, кој беше на истата стратегија како и клупскиот колега, но не и неговиот „соиграч“ од Ферари, кој иако со стари гуми успеа да издржи до крајот и прв да ја мине целта. Двоецот на Мекларен заврши на второто и на третото место, со тоа што немаше тимска наредба па Пјастри финишира пред Норис, кој е во битка со Макс Верстапен за шампионската титула.

Саинц финишира како четврти, Хамилтон беше петти, додека потоа следуваа Верстапен, Расел, Перез, Албон и Магнусен, сите во кругот возачи кои освоија бодови.