Леклер до пол-позиција во Сингапур, очајни квалификации на Ферстапен

Шарл Леклер, првиот возач на Ферари ќе стартува од пол-позицијата на утрешното гранпри во Сингапур, откако денеска беше најбрз на официјалните квалификации во кој ужасен настап имаше актуелниот светски првак Макс Ферстапен со осмо најдобро време.

Леклер ја освои пол-позицијата пред Серхио Перез од Ред Бул за 0,22 секунди побрз круг, додека трет заврши екс-шампионот Луис Хамилтон, додека клупскиот колега на Леклер, Карлос Сајнц е четврти и ќе стартува од вториот ред.

Иако Верстапен тргнува далеку од Леклер, веќе неколкупати сезонава, „летечкиот Холанѓанец“ успеваше да дојде до победи иако не тргна од првите два реда, па утре може да слави и шампионска титула.

Тој во Сингапур дојде со 335 бода на контото, 116 повеќе од Леклер, а 125 од клупскиот колега Перез на пет трки до крајот и теоретски може да се круниса за старо-нов првак ако победи со најбрз круг на трката, а Леклер притоа е послабо пласиран од осмото место, додека Перез да не биде со пласман до четвртата позиција.

Ако се случи ова, ќе биде најбрза шампионска титула во последните 20 години, а рекордот го држи Михаел Шумахер кој титулата ја освои во 11-то гран при од 17-те во сезоната во 2002 година.